„ВИЕ ЌЕ ЧЕКАТЕ СО ЧАСОВИ ВО ВРЕЛ АВТОМОБИЛ, ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ЌЕ СЕ ОТВОРИ ДРУГА РАМПА“: Величковски реагира на повикот на Мицкоски - граѓаните да летуваат дома заради ЕЕС
Претседателот на партијата Нова Република, Ивон Величковски, преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше политиката на Владата во однос на европските интеграции и најавеното воведување на системот ЕЕС, оценувајќи дека последиците веќе ги чувствуваат граѓаните. „Поразот на политиката на Мицкоски во една реченица. Повикот на премиерот граѓаните да летуваат дома поради ЕЕС покажа колку неговата владина политика е неоснована“, наведува Величковски. Тој посочува дека јавноста била уверувана дека системот ќе биде одложен, но, како што вели, реалноста е поинаква. „Медиумите ја ‘хранеа’ кампањата дека ЕЕС ќе биде одложен. Први на удар се најдоа превозниците. Сега последиците се за сите“, истакнува тој. Величковски додава дека новиот систем ќе значи подолги чекања на границите, особено во туристичката сезона. „Системот е непријатен за сите нас од нешенгенските земји. Непријатноста ќе расте во шпицот на туристичката сезона – летната, а потоа и зимската“, пишува Величковски. Тој прави разлика меѓу граѓаните и функционерите, нагласувајќи дека вторите ќе имаат привилегиран третман. „Додека вие чекате со часови во врел автомобил со мало дете, за нив ќе се отвори другата рампа. По потреба и на лентата за камиони“, наведува Величковски. Во објавата, тој го критикува и повикот на премиерот граѓаните да ги користат домашните туристички дестинации. „И затоа ќе ве упатуваат да си летувате на домашните планини и да ги бодрите да не преговараат за полноправно членство во ЕУ“, додава тој. Величковски се осврнува и на симболиката на изјавата дадена на денот на одбележување на Гоце Делчев. „Премиерот тоа ви го порачува од одбележувањето на смртта на Гоце Делчев – човекот кој веруваше дека неговиот народ може да се натпреварува рамноправно со останатите во Европа“, вели Величковски. Тој заклучува дека, според него, актуелната власт не се залага доволно за европска иднина на државата. „Не се бори за европската реалност и иднина – затоа што за него ЕУ е ‘проклетство’ на владеење на правото и контрола на границите“, наведува Величковски.
