(ВИДЕО) Во „Панче Караѓозов“ се протестира против воведените тестови за упис
Фото: Радио МОФ
Учениците кои се запишуваат во паралелките со настава на албански јазик во средното медицинско училиште во Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ утринава протестираа против тестирањето на предметите биологија и хемија.
Во неколку средни училишта се воведени тестирања затоа што бројот на слободни места е помал од бројот на кандидати-ученици со највисок просек од 5.0 па затоа е неопходно тестирање за да се направи селекција. На денешниот протест се бараше да се отвори уште една паралелка на албански јазик наместо да има тестирање.
Министерството за образование и наука информира дека јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број на ученици со ист број на поени од предвидениот број на ученички места, денеска ќе организираат квалификациони тестирања.
Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование. Додека, за учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.
Единствено до сега скопската гимназија „Орце Николов“, соопшти дека нема да има квалификациони, односно сите со просек 5.0 ќе бидат оримени. Сите 301 ученик кои се пријавиле на конкурсот со успех 5.00 се примени и таму ќе бидат формирани 9 паралелки. Во оваа гимназија ќе има тестирање само во билингвалните паралелки по англиски јазик, по предметот англиски јазик. Има 145 пријавени ученици со 75 бода, а се примаат 136 во 4 паралелки.
