(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ постави бројчаник на Триумфалната капија
ВМРО-ДПМНЕ постави „бројчаник“ на Триумфалната капија во Скопје на кој се запишани бројките на заболени и починати од Ковид-19, како и на бројката на работни места затворени поради пандемијата.
„Зад мене е бројчаникот на Зоран Заев, истиот оној кој што го ветуваше. 39.760 активни случаи на Ковид, и 1136 починати, ова е епилогот од неспособноста на Зоран Заев и Венко Филипче да се справи со пандемијата. Бројчаникот кој го вети Заев, изгледа вака. Ова се бројки кои што ја покажуваат реалната слика со која што сите ние се соочуваме. Имаме вкупно 39.760 активни случаи на КОВИД и 1136 починати лица. Имаме 2 милијарди евра долг односно над 60% од БДП“, рече портпаролот Наум Стоилковски пред „Порта Македонија“.
Гласноговорникот рече дека поради економската криза има нови 40.000 невработени лица од март до октомври, како и вето за евроинтеграција на Македонија од Бугарија, а одговорен за тоа, според најголемата опозициска партија, е премиерот Зоран Заев.
„Голем дел ќе преживееле, доколку имаше слободни места во болниците. Голем дел ќе преживееле доколку имаа пари да се лечат во приватните болници, за што се собираа донации, бидејќи државното здравство потфрли. Ова е трагедијата на македонското здравство на чело со Венко Филипче. Затоа мора оставка веднаш. Македонија нема луѓе за губење“, наведе Стоилковски.
