(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ го објави конкурсот за претседател на Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го објави огласот за пријавување на кандидати зад кои партијата би застанала на претседателските избори оваа година.
– Сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање за кандидат за претседател на Република Македонија и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека се потенцијален кандидат, треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, најдоцна до 31. јануари годинава до 18 часот, во просториите на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е плоштад ВМРО, Палата Христо Татарчев бр.1 – рече Арсовски.
Од опозициската партија велат дека на сите ќе им бидат овозможени подеднакви шанси за добивање на номинацијата, но за тоа ќе треба да понудат соодветен план и програма, која што ќе треба на крајот да биде одобрена од 55 делегати на конвенцијата.
При тајно гласање, конкурентите ги победува оној кој ќе има најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбере најдобриот и најмотивираниот кандидат за претседател на Република Македонија кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните претседателски избори 2019 година – рече Арсовски.
