(ВИДЕО) Владата одлучи - предвидени 16 милиони евра за намалување на невработеноста
На вчерашната седница Владата на Република Македонија го усвои Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.
Со овој план, како што објасни министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат: создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица. За реализација на мерките во оперативниот план за 2018 се издвоени 1.040.794.835 денари.
Преку програмите за вработување ќе бидат опфатени 9.511 лица, а преку услугите на Агенцијата за вработување на РМ над 16.000. Со Планот, акцент се става на младите невработени лица до 29 години, за што, како што појасни, ќе се спроведува и пилот проект „Гаранција за млади“ во три општини - Скопје, Струмица и Гостивар.
„Ранливите категории невработени лица се наш врвен приоритет. Токму затоа имаме посебна мерка која се однесува на воспоставување можни програми за оспособување и вработливост на оваа група граѓани. При креирањeто на мерките настојувавме да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени со цел да обезбедиме еднакви можности за сите“, додаде Царовска.
Грантовите за самовработување се поставени флексибилно од четири до пет илјади евра за поединец, до 10 илјади евра за двајца содружници. Годинава се дава можности и за комбинација на неколку мерки.
„Особено важно е дека со овој оперативен план ќе се обезбеди обука за 100 невработени лица, кои во иднина ќе се вработат како персонални асистенти на лица со попреченост. Сметам дека е значајно да се напомене дека се предвидени и тренинзи за стекнување квалификации и знаења за зелени работни места“, вели Царовска.
Вклучувањето на невработените лица во програмите, односно мерките за вработување, се врши врз основа на транспарентни процеси за аплицирање.
