Економија, финансии, бизнис

Контакт

(ВИДЕО) Спроведен на судење родителот кој тепаше малолетни фудбалери во Штип

(ВИДЕО) Спроведен на судење родителот кој тепаше малолетни фудбалери во Штип

Штипската регионална телевизија М-Нет објави видео како денес во штипскиот Основен суд го водат на судење 43 годишниот родител од Скопје, кој на 24 август на фудбалскиот натпревар на фудбалерите од генерација 2009-2010 година меѓу клубовите „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип физички нападна двајца малолетни фудбалери.

На А.А од Скопје веќе му е продолжен притворот од 30 дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење.

Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43 годишниот родител за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а кој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.

„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство на 25 август.

Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“. На теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација.

Инаку денешното судење се одложи, бидејќи неговиот бранител побара судот да му обезбеди превод на албански јазик на обвинителниот предлог, но и симултан превод во текот на судскиот процес. Судскиот процес продолжува на 29 септември. 


Слично

Поврзани вести