(ВИДЕО) Советот за етика во медиумите го осуди нападот на екипа на НОВА ТВ
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува денешниот инцидент по информациите дека екипа на НОВА ТВ била нападната и попречена да го следи собирањето потписи против наводната изградба на мигрантски кампови во населбата Аеродром од страна на лице кое присустувало на настанот.
СЕММ повикува да се преземат неопходни мерки за расчистување на ваквите настани, особено кога новинарот е физички и вербално нападнат и спречен да информира за теми од широк јавен интерес.
„Безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери“ - велат оттаму.
Екипата на НОВА ТВ денеска беше нападната од непознато лице додека снимаше на локација кај ТЦ Бисер во Аердором каде се собираат потписи против наводната изградба на мигрантски кампови.
На снимката се гледа лице на околу 30 години во зелена маичка, како прво ја нападна нашата новинарка Сашка Цветковска додека снима со мобилен телефон, ја турна и и` ја свитка раката и бара да престане со снимањето. Откако дојде и снимателот на НОВА ТВ, Трајче Антоновски, кој снимаше во тоа време на друга локација, истиот човек, прво разговара со девојката, која во изјава за НОВА ТВ вели дека е дел од организацијата задолжена за настанот, дека е од општина Аеродром и член на ВМРО ДПМНЕ, по што на страна двајцата разговараат со напаѓачот.
Кога напаѓачот слушнал дека е повикана полиција, се обиде да избега и новинарката и снимателот тргнаа по него по што тој овој пат ја удри камерата и таа престана да работи и снима.