(ВИДЕО) Скијачките центри се залудни инвестиции во Македонија?
Најновата инвестиција се најавува за Попова Шапка од италијански инвеститор кој тука сака да изгради скијачки центар. Во време кога се алармира на влијанијата од климатските промени со пораст на температурите и намалување на врнежите тешко е да се најде објаснување зошто би се инвестирало во оваа скапа индустрија.
Ова е прва по речиси 70 години, на Попова Шапка и Маврово да нема снег во декември.
Во опкружување со веќе развиени скијачки центри во регионот, друг предизвик е финансиската исплатливост од ваква инвестиција.
Долга е и листата на опасности од неповратно уништување на природата од плановите за изградба на вакви центри за масовен туризам.
Острови од вештачки снег опкружени со зелена трева – ова е сликата од Светскиот куп во скијање во Аделбоден, Швајцарија годинава. Европа преживеа топлотен бран в зима, а климатската криза предизвика и снежна криза.
Научниците кои се занимаваат со метеорологија и климатологија, пред многу децении предупредија на овие случувања уште на Првата светска конференција за клима во седумдесетите години на минатиот век.
Во Македонија постојат пет скијачки центри. Во нив, речиси и да не се вложува воопшто. Но, во Стратегијата за заштита на природата, повисоките планини, особено оние над 2.000 метри, се ставени како мошне атрактивни, вредни предели од научен, но и од туристички аспект, со исклучок на масовниот туризам, пишува Институтот за комуникациски студии.