(ВИДЕО) Шекеринска: Овие четири дена сум со семејството
Вели дека на вакви големи денови, целта не е да се победи, туку да се биде заедно, да се ужива во заедничките моменти и во позитивните мисли. Министерката за одбрана вели дека и покрај претседателската кампања ќе ги испочитува сите четири дена, односно двата празника и викендот, за да биде повеќе време со своето семејство. Вели дека за прв пат за овој празник нејзината ќерка со помош на својата баба успеала да ги вапса велигденските јајца.
-Ова е еден од најзначајните празници кој покажува дека вербата, љубовта и убавите работи можат да бидат посилни дури и од смртта. Овие моменти меѓу сабота и недела во христијанството се онаа тенка линија меѓу болката и страдањето и надежта. Ако саботата е посветена на болката и страдањето на мајката на Исус, неделата е радост за верниците кои видоа дека и смртта може да биде победена. Така е и во нашиот живот, често пати тенка е линијата меѓу болката и радоста, но на овој Велигден да се потсетиме на работите кои не спојуваат, на вербата во убави и важни нешта, во добрината и чесноста и во тоа име да најдеме повеќе заеднички точки, а помалку точки на кои се делиме. Затоа можеби е добро што Велигден се погоди меѓу двата изборни круга, за да не потсети дека и на државата, и на себеси и на граѓаните им должиме убави нешта и дека за таа убавина е потребно многу повеќе слога и доблест, изјави Шекеринска за 1ТВ.
На истото место на дочекот беше и градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, кој рече дека традиционално го празнува Велигден во црквата Св. Илија, со фамилијата, а во недела наутро во Св. Петар и Павле во Горно Лисиче.
