(ВИДЕО) Ова е небезбедниот мост во Секирник по кој минуваат мештаните за да стигнат до своите ниви
Уште еден небезбеден мост е лоциран во државата. Мостот во селото Секирник е без еден носечки столб, а по него поминуваат трактори. Од Центарот за управување со кризи(ЦУК) алармираат дека овој мост е небезбеден.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на покана на градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, го посети мостот во атарот на село Секирник што е видливо оштетен, во лоша состојба и претставува опасност за луѓето коишто го користат. Тие поминуваат преку мостот за да стигнат до обработлива земјоделска површина од околу 50 хектари.
Ангелов вели дека еден од носечките столбови на мостот, над реката Струмица, е паднат. Над него инаку поминуваат металните шини, а преку мостот поминуваат возила за обработка на земјиштето, трактори, комбајни и друго.При движење по мостот можат да се почувствуваат силни вибрации. Англеов препорача Општина Босилово да повика стручни лица, кои ќе кажат дали тој може да се поправи или треба да се урне. Ангелов препорача затворање на мостот. Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, побара помош од Владата, затоа што тие како општина немаат доволно пари за обнова на мостот.
Инаку, мостот „Беласица“ кај Транспортен центар во Скопје веќе дванаесет дена е затворен и за сообраќај и за пешаци по пожарот во кој изгореа инсталациите за парно и се срони дел од бетонот.
фото Фејсбук Стојанче Ангелов
