ВИДЕО од реакцијата на новинарите: Ако сакате па не ни праќајте покани, снимајте се сами
Ако не сакате да има слободни медиуми, донесете закон и укинете ги. Снимајте се сами, и објавувајте по социјални мрежи. Се додека не се донесе тој закон, ние сме тука за да гласно и јасно го пренесеме тоа што го мисли обичниот граѓанин, вели денеска новинарот и снимател Фуркан Салиу кој вчера јавно пред министерот за транспорт и врски Благј Бочварски и неговиот бугарски колега Николај Сабев го искажа револтот од новинарите и снимателите за односот на владиниот ПР кон медиумите. Салиу го објави и видеото, а целиот проблем настана кога на настанот за првиот лет меѓу Скопје и Софија, македонските новинарски екипи беа поставени многу далеку на пистата, а предност им била дадена на владините служби кои снимаат.
Салиу му порача на министерот, да не праќаат покани, ако не дозволуваат соодветно покривање на настаните.
„Овој микрофон се плаќа од јавни пари и имам право да ви кажам тоа што го мислам во име на новинарите и снимателите и во име на ЗНМ и Синдикатот на новинари кои веќе реагираа. Бараме да ни овозможите исти услови за работа како на вашите фоторепортери и сниматели. Ако сакате само тие да ве снимаат, а ние не, не праќајте покани ама да знаеме дека во оваа држава не постојат медиуми. Си имате Вие Ваш ПР центар и продолжете, рече новинарот Фуркан Салиу по што ја спушти камерата на неговиот медиум пред министерот, а тоа го сторија и уште еден снимател и фоторепортер.
Потоа Бочварски се извини и рече дека е ненамерен пропуст.
