(ВИДЕО) Непробојно стакло, специјални безбедносни системи и капсула околу владиниот кабинет: Груевски направил бункер во Владата
Дефинитивно фасадата не била доволна за апетитите на поранешната власт. Освен луксузирањето со чуден вкус за кој дознавме деновиве, впечатливи се специјалните безбедносни системи инсталирани во и околу премиерскиот кабинет. Тие неколку простории се направени да функционираат како посебна капсула во рамките на владината зграда. Кабинетот на премиерот е обвиен со непробојно стакло. Посебната тераса до која се стигнува од премиерскиот кабинет е покриена со челична конструкција и повторно со непробојни стакла - тешки неколку тони и дополнителна мрежа на горниот дел, најверојатно за заштита од дронови.
Ова и беше откриено на јавноста во вчерашната емисија 360˚ на Алсат-М Телевизија во која акцентот беше ставен на владината зграда за која екс премиерот и поранешната власт потрошија околу 17 милиони евра.
Навидум обичните столбови, всушност се четири инвертори кои според капацитетот, би можеле повеќе денови да ја снабдуваат премиерската просторија со кислород, а таа да остане затворена како бункер.
Екс премиерот направил и посебен ходник и влез само за него до салата за владини седници. Таму пак, вратите се со необична дебелина и тежина, со дури пет опции за заклучување. Ѕвончето на премиерското место најверојатно служело за шефот да ги прекори оние што ќе го нарушат редот на состанокот.
И оваа просторија е со непробојно стакло, а останатите врати служат за во салата да влегуваат министрите и службениците.
Но, луксузот и реновирањето се ограничени само на коцката во која е сместен премиерскиот кабинет. Како контраст вака запуштено изгледа старата сала за владини седници. Слично, нечепнати се и другите кабинети во другите коцки.
Целата емисија погледнете ја во видеото, а сторијата на овој линк.
