(ВИДЕО) На кој начин Заев е подготвен да го елиминира иредентизмот за кој обвинува Грција?
Премиерот Зоран Заев во интервју за грчката телевизија Алфа, изјави дека е подготвен да разговара со Грција за промена на името на аеродромот, за да го елиминира на тој начин иредентизмот за кој сме обвинети од соседна Грција.
„Заев оптимист за решение во првата половина на 2018“; „Следен чекор: соопштување на името“; „Заев: немаме црвени линии“; „Можеме да најдеме решение во прашањето за името“; „Зоран Заев: Не за црвените линии“, ова се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми по синоќешното интервју на македонскиот премиер за грчката Алфа.
Заев изјави дека за време на преговорите, македонската страна нема некоја црвена линија не откривајќи кој предлог би бил прифатлив за него, но изрази уверување дека двете страни имаат капацитет за решавање на долгогодишниот спор до крајот на јуни, кога се очекува да се одржи идниот самит на НАТО.
„Наша црвена линија е линијата која свети силно како водилка по патот за да дојдеме до конечно решение“- вели Заев.
Заев вели дека наместо на историја треба да се фокусираме во создавање доверба која ќе води кон решавање на главното прашање што Грција го има со нашето уставно име како и кон заедничката евроатланска иднина.
Премиерот Заев апелираше опозицијата во двете земји да има добра волја за да се заврши ова прашање.
Тој во интервјуто неведува дека стратешка цел на Македонија е влез во ЕУ и НАТО.
Вицепремиерот Бујар Османи утре во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас и неговиот заменик, Јоргос Катругалос. Османи изјави дека оваа посета е во рамките на создавање доверба, добро партнерство и пријателство со соседите, за да се надминат разликите и да се координираат позициите за евроатланска иднина на Балканот.
