(ВИДЕО) МАКЕДОНИЈА И ОАE ПОТПИШАА ДВА ДОГОВОРИ: За какви соработки станува збор?
Македонија и Обединетите Арапски Емирати(ОАE) потпишаа договори за економска соработка, трговија и размена на знаење.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска имаше средба со претседателот и раководството на Стопанската комора на Шарџа.
„Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис заедницата“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, за разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.
Мицкоски, вчера, на првиот ден од посетата, се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан и како што изјави била истакната потребата од многу поблиски и поплодни односи.
