(ВИДЕО) Ковачевски до Ковачки: Вие можете во стилот на вашите колеги да седнете, да украдете микрофон
Вие не може да викате „стани Славјанка“, вие може да крадете микрофон како вашите колеги од партијата, кажа денеска во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски.
Тој вели дека кога кажал министерката за одбрана да стане за да ја види цела сала, тоа го направил за ѝ се оддаде почит на Петровска која, патем, како што посочи, добила аплауз каков што пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки никогаш во животот нема да добие. За Петровска, Ковачевски рече и дека е еден од најдобрите министри во неговата влада, како и еден од најдобрите министри за одбрана што го имала Македонија.
За својата реченица „стани Цаци, да те види цела сала“ упатена кон министерката за одбрана Славјанка Петровска, премиерот Димитар Ковачевски на седница за пратенички прашања на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ му порача дека тој тоа не може да го каже, но може како неговите сопартијци да краде микрофони.
Инаку, Ковачки ја обвинуваше министерката дека има хациенда која ја крие во скопско Радишани. Таа негираше и најави тужба.„За разлика од пратеникот, јас ги имам сите документи и договори последователни, од првиот ден до денес кои се водат на име на тој имот. Ќе ги видите бидејќи ќе бидат дел од тужбата што веќе ја подготвив, а ќе ви биде поднесена за навреда и клевета“, рече Петровска обраќајќи му се на пратеникот Ковачки како нејзин одговор на неговото пратеничко прашање.
Таа додаде дека во тужбата се наведени сите докази и, како што кажа, апсолутно нема да има ништо против тој судски процес да го следи и јавноста.
