Видео Клик Плус: Што ќе се преземе против загадениот воздух?
Загадениот воздух и предлог мерките најавени од институциите беа во фокусот на синоќешната дебата на Клик Плус на ТВ21. Учесниците едногласни, потребни се итни решенија, но и зголемена свесност кај граѓаните. Мора да се откажеме од секојдневните навики доколку сакаме чист воздух вели доктор Андон Чибишев. Неговиот совет е во деновите кога загаденоста на воздухот е на високо ниво, задолжително да се носат маските, доколку граѓаните мораат да бидат изложени на отворено.
Невладиниот сектор или еко здруженијата испратија порака до властите дека граѓаните повеќе нема да седат мирни. Секоја година ќе се читаат предлог буџетите на општините, за да се види колку пари локалната самоуправа ќе издвојува за проекти од областа на екологијата. Ели Пешева од коалицијата 02 истакна дека граѓаните не се согласуваат спортски клуб да се финансира со 500 илјади евра, а за зачувување на природата да се наменети само 60 илјади евра.
Градоначалникот на Општина Центар ги претстави мерките кои ги најави против загадувањето. Признава дека тие се непопуларни за граѓаните, бидејќи предвидуваат поскап паркинг во централното градско подрачје за граѓаните, но и забрана за дотур на стока од седум и триесет до осумнаесет часот.
На дебатата учествуваше и еден од тројцата иноватори Стефан Стефанов, кои измислиле метод за расчистување на маглата во денови кога температурата е под нулата. Стефанов вели магла во Скопје имало од секогаш, но вакво загадување на воздухот не е видено.
Заклучокот од оваа дебата која ги тангира сите граѓани од земјава е дека свеста на граѓаните мора да се подигне на повисоко ниво. Дека секој од нас е загадувач, но и дека секој може да помогне работите да се подобрат.
Во продолжение погледнете ја целата емисија на Клик Плус која вчера се емитуваше на ТВ 21.