(ВИДЕО) Германец се пронајде во Битола по 14.000 километри одење пеш
Германецот Карстен Шеперс кој пред четири години пеш тргнал на патешествие низ Европа се пронашол во Битола, а телевизиската екипа на Сител „го откри“ додека дарувал крв.
40-годишникот во Битола пристигнал пред неколку дена, а вели дека би останал во Македонија доколку најде работа и жена. Од изминатите 14.000 километри минати на сите страни во Европа, само 330 ги минал со сообраќаен превоз кога имало врнежи.
Шеперс вели дека за време на патувањето, во Франција му украле 6.800 евра и останал без пари, па побарал помош за сместување од локалната канцеларија на Црвениот крст во Битола, по што решил за возврат да дарува крв на крводарителската акција.
Од Германија избегал поради стресот.
- Досега поминав 16 земји. Им реков на многу луѓе тука во Македонија дека ми се допаѓа оваа земја со сите нејзини проблеми. Многу се интересирам за геологија, мојата професија е дрводелец и шпедитер. Ако најдам работа и жена, ќе останам во Македонија, навистина убава земја е и ми се допаѓа. Заминав од Германија заради стресот од работата, бев менаџер, па сакав да си направам еден продолжен одмор, вели Шеперс за Сител.
Вели дека не му недостига Германија.
-Јас имав многу разочарувања во Германија. Мојот прв работодавец не можеше да ми даде плата, вториот имаше толку многу пари, не знаеше што да прави со нив. Бев менаџер за производство, морав да дикутирам со него за едноставни работи како што се шрафцигери, чекани два месеца за да ги добиеме. И реков збогум, ова не е мое ниво на професионалност кое го барате и реков, збогум Германија. Можеби ќе се вратам, но има толку многу убави работи и места во Европа и светот. Светот е мојот дом, вели тој.
