(ВИДЕО ГАЛЕРИЈА) Сакаме уреден кеј на Вардар а не обрасната трева
Почна сезоната кога Скопјани се позачестено слободното време го поминуваат на кеј. Некои трчаат, други ловат риба, трети со велосипед, четврти пеш во друштво ...
Неискосена висока трева, неуредена зелена површина, обраснати грмушки од кои во секој миг може да излезе некоја змија.


Токму ваква слика ќе затекнете доколку решите попладнето да го потрошите шетајќи на Кејот на реката Вардар, од десната страна во Горно Лисиче на потегот од големиот парк на булеварот Февруарски поход до железниот мост, каде што неодамна беше асфалтирана новата ролерско-велосипедска патека.
„Фактор“ како медиум кој е секогаш на страна на објективното новинарство, а со поддршка и пренесување на барањата на граѓаните ги запраша надлежните во град Скопје зошто ваква да биде сликата која ќе ја затекнуваме на ова место.
Ги запрашавме градските власти кој е надлежен и зошто не се одржува овој дел од јавните зелени површини, а добивме одговор дека Градските јавни претпријатија со програма се задолжени за одржување на истите и со програмата е точно утврдена обврската на јавните претпријатија и динамиката за реализација на нивните активности поврзани со косењето на тревата од површините кои се во градска надлежност, а тоа се кејот на Вардар и косините на коритото на реката, градскиот парк, парк шумата Водно и карактеристичниот пејсаж Гази Баба.


„ЈП паркови и зеленило и ЈП Улици и патишта редовно вршат откос на тревата, но во овој период работите се успорени затоа што тревата, поради обилните врнежи е влажна, а и самите врнежи освен што ја убрзуваат вегетацијата, ја успоруваат работата на екипите на теренот. Во моментов се работи на кејот во делот на аеродром и фазно ќе се мине на останатиот дел од јавните зелени површини кои се во градска надлежност и доколку нема позначајни врнежи наскоро се очекува да се култивизира целиот простор“, стои во одговорот кој го доби нашиот медиум.
На прашањето дали е во изработка проект со кој би се осветлила новата ролерско-велосипедска патека, или можеби се планира целосно уредување на овој простор околу патеката, да се стават и канти за отпадоци, можеби по некоја клупа и слично за да целата патека да добие поубав лик, одговор не добивме.


Меѓутоа, ги повикуваме надлежните погоре прозвани екипи поредовно да ги извршуваат задачите за кои се ангажирани. Ние сакаме уреден Кеј и убава слика каде ќе можеме слободното попладне да го поминуваме со пријателите или спортувајќи го омилениот спорт за кој е наменет и служи Кејот а воедно и секоја убава глетка пред нас буди попријатна атмосфера.
Па, зошто да не ја добиеме таа глетка.








