(ВИДЕО) Дошле да го уредат просторот околу црквата во Галате, Општина Врапчиште ги пријави за узурпација
Граѓани дошле во дворот на црквата во гостиварското село Галате за да го уредат просторот по обилните врнежи, но останале затечени кога ги виделе многубројните полицајци кои дошле по пријава од Општина Врапчиште за наводна узурпација на просторот.
“Сакаат да нѐ приведат, сме узурпирале место“, вели на видеото лицето кое ја снима ситуацијата и вели дека довеле механизација само за да го расчистат просторот околу верскиот објект.
Според нив, полицијата им кажала дека постапуваат по насоки од обвинител, а причината била узурпација на земјиштето каде е црквата. Сепак денеска претпладне се огласи Обвинителството од Гостивар кое соопшти дека тие не иницирале никаква полициска интервенција, туку тоа го сториле од Општина Врапчиште.
„Во однос на објавените невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи, а се преземени од повеќе медиуми и се однесуваат за настан во близина на верски објект во гостиварско, Основното јавно обвинителство Гостивар ја известува јавноста дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице.
Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат. Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денеска полициски екипи ќе извршат увид на лице место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело“, реагираат од обвинителството од Гостивар.
Слично
