(ВИДЕО) Брнабиќ ја бранеше Македонија, по што екс бугарски министер почна да се расправа со неа
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ на меѓународна безбедносна конференција ГЛОБСЕК во Прага предупреди дека пристапот на Европската Унија кон Македонија, која дури го промени и своето име, а сè уште нема датум за почеток на преговорите, е крајно неправеден и сериозно го поткопува кредибилитетот на ЕУ.
„Тоа што се случува околу Северна Македонија едноставно не е праведно. Тоа е толку нефер што не може никому во светот да му се објасни. Државата го промени името, а за возврат не доби ниту датум за почеток на преговорите“, истакна Брнабиќ, пренесува Бета.
Таа додаде дека ваквиот однос предизвикува страв кај граѓаните во однос на какви било уставни измени, бидејќи постои ризик по неколку векови некоја земја повторно да измисли ирационален билатерален спор и да го блокира процесот.Но, екс бугарскиот министер Николај Денков не се согласува со неа. За него, говорот на Брнабиќ бил провокација. Тој не сака Србија да ги коментира односите меѓу Македонија и Бугарија.
„Бугарите мора да бидат запишани во Уставот на Северна Македонија за да го олесни процесот на нејзино усвојување во Европската Унија. Францускиот предлог од 2022 година важи и денес“, пишува тој.
Македонија не може да ги почне преговорите со ЕУ додека не ги внесе Бугарите во Уставот.
