(ВИДЕО) „Арка“ мета на вандали, газдата тврди дека мотивите се од етнички карактер
Во хотелот „Арка“ денеска имало вандалски напад од 20-ина хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата скопска чаршија, вели Сашо Џиковски, сопственик на хотелот.
Додава дека полицијата интервенирала неколку пати, меѓутоа, од полициска станица Бит-пазар одбивале повеќе да реагираат со образложение дека не се во можност да им ја гарантираат безбедност и телефонски им порачале да си ангажираат приватно обезбедување.
„Ова е резултат на неколку месечен напад со цел насилно затворање на хотелот и преземање на паркинг просторот, а истото е поттикнато од нашата етничка припадност, како последна македонска фамилија која оперира во Старата скопска чаршија и овој дел од градот. Објектите и опремата кои се уништуваат се сопственост на хотел „Арка“ и за истите имаме соодветни одобренија и дозволи“ - вели тој.
За горенаведените проблеми се известени МВР, Град Скопје, Државен градежен инспекторат и Управа за заштита на културното наследство (бидејќи паралелно се рушат објекти заштитени со Законот за Старата Скопска Чаршија), но до сега нема никаква позитивна реакција – вели директорот Сашо Џиковски во дописот до медиумите.
Хотел Арка е еден од првите хотели со 5 ѕвезди во Скопје и годишно опслужува преку 7000 гости.