(ВИДЕО) Ангелов: Пожарот меѓу Богданци и Дојран делумно е ставен под контрола
Пожарот меѓу Богданци и Дојран делумно е ставен под контрола, а горат уште два краци.
Тој избувна денеска напладне на планината Карабалија, во атарот на селото Селемли, во близина на границата со јужниот сосед. Експлодираа најмалку 4 гранати од Прва светска војна, а за пожарот е известена и грчката страна.
„Со дејствување на двата авиона „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), но и на локалните пожарникари од Гевгелија и Дојран, спречено е проширување на пожарот кон полето“, рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Вели дека големиот пожар е на линијата на фронтот од Првата светска војна и досега се слушнале дваесетина детонации од експлозивни направи и истрели од куршуми од голем калибар.
„Тоа го усложнува гаснењето на пожарот, бидејќи ја загрозува безбедноста на пожарникарите, но и на леталата. Авионите пристапуваат внимателно и исфрлаат вода од повисоко“, вели Ангелов.
Во прилог на гаснењето на пожарот оди и ветрот кој го насочува огнот кон изгорените делови. Како што вели Ангелов, има можност во наредните неколку часа пожарот целосно да биде ставен под контрола. Деновиве имаше серија пожари во Македонија. Гореше во кочанско, кумановско, битолско. Во селото Бељаковце изгореа три стари куќи.
фото принтскрин
