Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВИЦЕ ЗАЕВ КОНТРА МИЦКОСКИ: Тој е опседнат со мене, се што кажа е лага

ВИЦЕ ЗАЕВ КОНТРА МИЦКОСКИ: Тој е опседнат со мене, се што кажа е лага

Сѐ што кажа Мицкоски е лага, вели Вице Заев, братот на премиерот, Зоран Заев. 

Христијан Мицкоски е очигледно опседнат со мене, вели Вице Заев, брат на премиерот, кого некои медиуми го поврзаа со лицето Вице Н. кое денеска беше споменато на брифингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за афера во РЕК „Битола“.

Тој во изјава за „Фокус“ вели дека ништо од кажаното нема врска со реалноста, дека станува збор за лага и измислица.

„Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила“, вели Заев за „Фокус“ коментирајќи ги обвинувањата дека изнудил 250 000 евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК „Битола“.

Тој ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, да престане преку познајници да му упатува закани дека „живеел за да ми наштети“.

Васко Ковачевски, актуелниот директор на ЕСМ, а поранешен директор на РЕК Битола се обидел да изнуди пари од сопственикот на фирмата Рубитон од Битола, а за тоа имал помош и од Вице Заев. Случајот е од 2018 година, а за да биде уште поскандалозен, пријавата од сопствениците на компанијата доставена до Обвинителството за организиран криминал и корупција била фалсификувана и од неа биле мистериозно извадени делови во кои се споменувало лицето Вице. 

Овие обвинувања денеска на брифинг ги изнесе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Слично

Поврзани вести