Ветото останува, а Радев бара Македонците со бугарски пасоши да фигурираат како Бугари
Бугарскиот претседател Румен Радев испорача долга листа услови кои задираат во историјата.
Освен впишување на Бугарите во македонскиот устав, прифаќањето на историската вистина со Бугарија, запирање на говорот на омраза, Софија денеска на списокот го додаде и пописот. Таа ги чека бројките од попишани Бугари во Македонија, реферирајќи на 120.000 бугарски пасоши издадени на македонски граѓани.
„Бугарите заслужуваат да имаат свое место кое ќе биде јасно пишано, потребен ни е и резултатот од пописот кој заврши во С.Македонија, потребно ни е признавање на историската вистина и ако сето ова е исполнето ќе ни треба гаранција од ЕУ дека ќе го вклучат патоказот во процесот на преговарање. Многу е едноставно“, изјави Радев.
Радев не застана на тоа, тој побара и ЕУ да го гарантира спроведување на протоколот и тоа во процесот на преговорите на земјава, конкретно во поглавјето 35.
Maкедонскиот премиер Зоран Заев е разочаран од ставот на Бугарија, која не попушта за ветото.