„Ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и на членовите на раководството на партијата“: Петровска од Конгресот на СДСМ
Измени во Статутот на партијата во однос на изборот на претседателите на општинските организации, како и ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и на членовите на раководството на партијата.
Ова е дел од она што го предложила членката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска по Конгресот на Социјалдемкократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Петровска била еден од говорниците на Конгресот, на кој, како што наведува во објавата на Фејсубук, дала свои предлози за демократски промени и за зачувување на единството во партијата.
Таа вели дека не било лесно да се зборува на партиски конгрес под два тешки изборни поразни, но како што додава тоа е обврска на секој социјалдемократ. Оценувајќи го последниот пораз на локалните избори одржани минатата година како катастрофален, таа смета дека тој бил резултат на отсуството на дискусии за изборните порази на парламентарните избори во 2024 г. и на локалните избори три години претходно, во 2021 година, како и на недоволната анализа на резултатот од парламентарните избори во 2020 година.
„Не смееме повторно да ја направиме истата грешка. Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме, како партија ќе бидеме маргинализирани а во крајна линија – ќе исчезнеме“, вели таа.
Меѓу предлозите што Петровска ги дала на Конгресот денеска, бил и тој да се измени во Статутот на партијата, со што претседателите на општинските организации ќе се избираат непосредно од членството, а не како досега нив да ги назначува претседателот на партијата.
„Со ова ја враќаме моќта на одлучување кај членовите“, наведува таа.
Петровска додава дека треба да се расчисти дилемата кој критикува и од кои побуди.
Ексминистерката за одбрана, сега пратеничка во Собранието вели дека предложил и ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и на членовите на раководството на партијата, со цел, како што појаснува, да не му се повторуваат на СДСМ непристојни објави „едни против други“, очигледно алудирајќи на тензиите што се појавија меѓу членовите на партијата Петре Шилегов и Јован Деспотовски и актуелното партиско раководство.
„Со добра стратегија и јасно дејствување секој проблем станува предизвик, а секој предизвик – победа“, ја заокружува Петровска објавата.
Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом, кажа меѓу другото на отворениот дел од Конгресот, претседател на СДСМ, Венко Филипче.
