Економија, финансии, бизнис

Контакт

Весниците втора година по ред добија буџетски пари, ЗНМ ќе следи дали ќе се зголемат новинарските плати

Весниците втора година по ред добија буџетски пари, ЗНМ ќе следи дали ќе се зголемат новинарските плати

Втора година по ред печатените медиуми во земјава добиваат државни субвенции од буџетски пари.

Ова го одлучи Владата на својата вчерашна седница. Според нејзината одлука, 12 медиуми ќе поделат меѓу себе вкупно 714 илјади евра, или прецизно 713.821 евро. 

Државни субвенции побарале 16 весници, но критериумите ги исполниле 12 и нив ќе им бидат распределени средствата. 

„На седницата на Владата е усвоена информација за реализација на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година. На повикот за финансиска поддршка за 2019 година пристигнаа вкупно 16 барања, од кои критериумите ги исполнија 12 медиуми, на кои им распределени 43,9 милиони денари од предвидените 50 колку што беа предвидени и во Буџетот за 2018 година“, се вели во владиното соопштение по вчерашната седница.

Јавниот повик за оваа поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми од Владата беше објавен на 29 ноембри минатата година. Инаку, субвенциите се наменети за медиуми на македонски јазик, и тоа 50 отсто за направените трошоци за печатење и другата половина за дистрибуција. Кај печатените медиуми што се издаваат на јазиците на етничките заедници, субвенциите се во висина од не помалку од 50 отсто, но не повеќе од 70 отсто за направените трошоци за печатење и одделно за дистрибуција, согласно доставените документирани докази за календарската 2018 година.

Фактор го праша претседателот на Здружението на Македонија, Младен Чадиковски, каков е неговиот став за тоа власта да дели субвенции за печатените медиуми, но не и за другите кои исто така се борат на пазарот, и дали на тој начин можеби не се влијае врз уредувачката политика на медиумите. Исто така, дали се следи колку овие медиуми ги исполнуваат критериумите врз основа на кои ги добиваат субвенциите.

Чадиковски за Фактор вели дека поддршката од државни пари на печатените медиуми е оправдана. Таа е препорака од ОБСЕ, а е практика и во некои европски држави.

„Јавните пари што се одвојуваат за печатените медиуми се проект уште од 2017 година и се заснова на соодветни практики во дел од европските држави и на препораки на меѓународни организации, меѓу кои и ОБСЕ. Оваа поддршка е во насока на одржување на читателската публика и подобрување на професионалните стандарди, и од овој аспект може да се види дека оваа поддршка е оправдана. Според анализите на Советот за етика, пеатените медиуми се медиуми што најмалку ги кршат новинарските стандарди, речиси и да нема претставки за нив или се многу ретки“, нагласува Чадиковски.

Тој вели дека ЗНМ ќе очекува од печатените медиуми уште оваа пролет да ги види ефектите од субвенционирањето, во смисла и на развој, но и на зголемени новинарски плати.

„Од друга страна, она што нас како ЗНМ не интересира е какви се ефектите од одвојувањето јавни пари за печатените медиуми во однос на новинарската заедница. Тоа значи дека сакаме да видиме сериозен импакт во дополнително вработувањето на новинари и реобнова на дописничката мрежа од внатрешноста, потоа зголемувањето на платите и зголемувањето на квалитетни и иновативни содржини, за што веќе разговаравме со Здружението на печатени медиуми. Очекуваме ефектите да ги видиме уште оваа пролет, зошто не би сакале на крајот на процесот да немаме мерливи резултати, а со тоа пак да се создаде перцепција дека на медиумскиот пазар се создава дисбаланс“, потенцира првиот човек на Здружението на новинарите.

Инаку, буџетски пари за печатените медиуми се делеа и во 2018 година. Тогаш, како што извести Владата, беа поделени 42,57 милиони денари, или 692 илјади евра, пари кои ги добија 11 печатени медиуми. 

Ова беше во рамките на владината програма за поддршка на печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2018 година. Тогаш, две од пристигнатите 13 барања беа одбиени поради неисполнување на потребните критериуми. За програмата за поддршка на медиумите беа предвидени вкупно 50 милиони денари од буџетот за 2018 година, а тогаш од власта наведоа дека истата сума е предвидена и за 2019 година. 

Тогаш државни пари добија повеќе дневни весници, но во групата влегоа и магазини и списанија.

„Владата дава силна поддршка за плурализмот во медиумите и затоа ќе се подготвиме и понатаму за наоѓање транспарентни и системски решенија во инклузивен процес со сите засегнати страни во сферата на медиумите. Владата е отворена за поддршка на медиумите, на новинарската професија и на медиумските работници, без притоа да помисли да врши влијание врз уредувачките политики. Од тие причини, доколку дојде предлог за друг вид на поддршка за останатите медиуми, на истиот начин, во прецизна постапка ќе ги согледаме предлозите и ќе се обидеме да изнајдеме заедничко решение“, изјавија тогаш од Владата. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести