ВЕСКОВСКИ БАРА ИЗВИНУВАЊЕ: Смешни и трагикомични биле клеветите на Арсовски
Смешни и трагикомични се денешните клевети изнесени од страна на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димитар Арсовски, дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори, вели Душко Весковски, актуелен директор на Водовод и канализација.
„Како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи. Врз основа на усвоена инвестициона програма и годишен план за работа, спроведена е постапка за јавна набавка, по што е склучена рамковна спогодба за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа. По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач. Во спроведенета постапка останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач, вели Весковски.
По склучениот посебен договор, фирмата почнала со работа, односно како што вели, градежни активности од посочената фирма не биле започнати без претходно склучен посебен договор.
„За манипулацијата со јавноста да биде уште пофантастична, на посочената фирма, ЈП Водовод и канализација Скопје ги нема во целост исплатено времените градежни ситуации за реконструкцијата. Во недостаток на идеи и проекти од страна на ВМРО ДПМНЕ, кои улицата Варшавска ја оставија со еден куп новоизградени бетонски чудовишта, опозициската партија се обидува со лаги, клевети и манипулации да фрлат дамка врз решението на ЈП Водовод и канализација Скопје, со кое граѓаните на овој дел од Општина Карпош добија трајно решение за водоводната и канализационата мрежа.
За искажаните
клевети и невистини, од страна на Димитар Димса Арсовски, портпарол на ВМРО
ДПМНЕ упатуваме јавно барање за извинување и повлекување на изнесените лаги и
невистини, а во спротивно ќе поведеме соодветна судска постапка за утврдување
на граѓанска одговорност за изречените лаги и клевети, вели Весковски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на Водовод и канализациja, сега и кандидат за градоначалник на Карпош Душко Весковски, дека местеле тендер за фирма блиска на СДСМ. Портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски на прес конференција рече дека Весковски, секоја година како директор склучувал рамковна спогодба за изведување на работи и реконструкција, доградба и замена на водоводни мрежи. Арсовски вели дека минатата година била потпишана рамковна спогодба врз основ на тендер со пет фирми, а за секоја реконструкција на која било мрежа , морало да има повторно тендер помеѓу тие пет фирми. Една од од нив е фирмата КБК Инженеринг, чии сопственици, тврди Арсовски, се знаело и се сметале дека се многу блиски до СДСМ како партија. „ЈП Водовод и канализација одлучуваат да ја реконструираат водоводната мрежа на улица „Варшавска“ во Карпош и реконструкцијата ја започнуваат на ден пред избори на 14-ти јули 2020-та година и реконструкцијата внимавајте ја започнува и ја прави фирмата КБК Инженеринг. Тие почнуваат со работа на 14-ти јули, но без да има одбирање на најповолен понудувач за која од овие пет фирми да ја добие работата. Одлука за најповолен понудувач се носи дури на 6-ти октомври, а договорот е потпишан на 9-ти октомври“, рече Арсовски
