ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО УЧИЛНИЦИТЕ: „Ова веќе не е футуристички концепт“
Сè повеќе, вештачката интелигенција се позиционира како клучен дел од нашето секојдневие, со големи перспективи за иднината на образованието. Овој технолошки скок, според министерката за образование Весна Јаневска, нема само да ги модернизира наставните процеси, туку ќе им овозможи на младите да се запознаат со придобивките и предизвиците на новите технологии. „Вештачката интелигенција може да го промени начинот на кој учиме и предаваме, приспособувајќи ја наставата според индивидуалните потреби на секој ученик,“ нагласи министерката, додавајќи дека етапното воведување на ваквата технологија ќе се реализира во согласност со етичките стандарди.
Овие заложби беа истакнати на дебатата „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците кои ги носи вештачката интелигенција?“, во рамки на 19-тата конференција на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии во Скопје. Јаневска потенцираше дека македонските училишта ги очекуваат инфраструктурни подобрувања за да се поддржи оваа трансформација, вклучително со дигитални уреди и платформи кои ќе ја збогатат наставата, додека образовните услуги, како уписите во прво одделение и аплицирањата за стипендии, се веќе дигитализирани.
„Покрај тоа што го следиме националниот и меѓународниот Акциски план за дигитално образование, целта ни е до 2027 година над 95% од наставниците да стекнат напредни дигитални вештини,“ изјави министерката. За таа цел, буџетот на Министерството за образование за 2025 година ќе достигне рекордни 40 милијарди денари, од кои значителен дел ќе биде наменет за дигитализација и поддршка на иновациите во областа на вештачката интелигенција.
Анита Буховски