Вештачење за „Онкологија“: На пациенти им биле давани несоодветни комбинации на лекови што им ја влошиле состојбата
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет „Марибор“, Словенија, која денеска сведочеше во случајот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје, изјави дека пациентка со рак на јајници, според документацијата, била лекувана со „капецетабин“ таблети, кои, како што рече Равник, не се даваат во вакви случаи.
„Пациентката се води со рак на дојка, а ракот на јајници не се лекува со ‘капецетабин’ таблети. Дека имала рак на јајници се потврдува во записот од хистологија, добиен подоцна“, изјави вештакот од Словенија.
Лекот „бинирелбин” кај овој пациент е даден само еднаш, по што била повторно промената терапијата, без да се забележи зошто била потребна промена на терапијата.
„Пациенктата примала ‘патрилаксел’ четири пати, потоа во комбинација со ‘гемцитабин’, за повторно само ‘патрилаксел’. Од записите можам да заклучам дека терапијата со ‘патрилаксел’ предизвикала многу компликации кај пациентката. Болеста со таа терапија постепено напредувала со дополнителни компликации“, изјави вештакот, пренесува МИА.
Друг пациент со карцином на црн дроб, бил лекуван со лекот ‘пемброизумап’, кој немал индикации.
Адвокатот на првообвинетиот Нино Васев, Боби Спирковски, сведочењето на вештото лице од Словенија го оцени како ригиден, теоретски и неусогласен со реалната медицинска пракса и условите во македонскиот здравствен систем. Спирковски вели „никој не смее на докторот да му забележи зошто донел одредена одлука за препишување на одредена терапија, доколку нема личен увид во пациентот“.
