ВЕНЧАВКИ: Македонците се регистрираат надвор од матично, покрај езеро, во ресторан
Македонците наместо традиционална венчавка, во последно време одлучуваат да направат нешто поразлично за свадбената церемонија, односно да се регистираат надвор од присториите на матично.
Од Управата за водење на матични книги велат дека најмногу има венчавки во Св. Петар и Павле во Лисиче, потоа во Св. Петка, Богородица во Скопје, во Архангел Михаил, Крива Паланка, како и Каменско во Охрид и Св Наум.
Вкупната бројка на склучени бракови на терен засега не е конечна, но има околу 1800 бракови, воглавно по рестораните и црквите во Македонија, во главниот град, а помалку на поспецифични места или дома, додаваат оттаму.
Сопружници од внатрешноста на Македонија одлучиле наместо да се венчаат во Скопје во матично, каде што живеат, да се регистрираат во матичното во Охрид, или како што велат „направиле компромис“ за местото каде ќе се склучи бракот бидејќи се од различни градови, од Битола и Куманово.
„Воопшто не беше комплицирано, само три дена пред венчавката се најавивме во Охрид, додека во Скопје се чека повеќе. Отидовме таму заради езерото, затоа што беше лето, поубава клима и поубава природа. Охрид ми е романтичен. Малку е невообичаено, но ние обично и викендите ги поминувавме во Охрид. За викенд се плаќа регистрација во матично, си има ценовник. Јас бев задоволна од Охрид, а целта ни беше поинакво искуство надвор од традициите и обичаите. Без целодневна свадба и без одење по невестата“, вели Оливера.
Друга скопјанка склучила брак во ресторан наместо во просториите на матичната служба, и вели дека вака е попрактично.
„На денот на нашата свадба бев 5-ти месец бремена и сакавме да ја скратиме целокупната организација. Во самиот ресторан имаше дел од тревникот кој е уреден за матично, онака баш филмски. Главната причина ни беше да го скратиме времето за одењето до црква, матично, па до ресторан. Бев задоволна од венчавањето во ресторан“, вели Ивана Бубало од Скопје.
Имало и двојки кои склучиле брак на отворено во природа. Податоците од пред неколку изминати години покажуваат дека имало и парови кои се венчале во Порта Македонија, на Плоштадот во Скопје, Градскиот парк, Скопското Кале, на брод среде Охридското езеро, на Милениумскиот крст на Водно, и други места.
Сања Атанасовскафото Columbo.rs
