Велковска: Проблемите со бездомните животни ќе се решат кога активистите ќе ги водат институциите на Град Скопје
Активистите и волонтерите за заштита и вдомување на уличните животни се
пожестоко ја критикуваат градската власт на Скопје за нефункционирањето на
најавеното јавно претпријатие „Лајка“. Тоа што требаше да биде нова форма на
работа на злогласеното Вардариште, се уште не функционира во полн капацитет
иако пред повеќе од една година беше назначен и в.д. директор. Драгана
Велковска, советник во Град Скопје и долгогодишна активистка, основач на повеќе
граѓански организации и иницијативи и волонтерка за заштита на животните вели
дека проблемот е во поставување на несоодветни кадри против кои најавуваат и
соодветни постапки, но и на немање на правилна политика за справување со овој
проблем. Наближувањето на локалните избори на површина повторно ќе ги исфрли
сите недостатоци со кои се соочува градот Скопје, како што е загадувањето,
узурпацијата на јавни и зелени површини, негрижа за квалитетот на живот на
граѓаните и урбан хаос. Велковска вели дека досега нејзините предлози како
советник за хуман третман на животните не биле прифаќани. Затоа смета дека
активистите треба да ги преземат градските институции за справување со
проблемите. Проблемите не треба да се решаваат „кампањски“ туку да има јасна и
квалитетна стратегија.
Големи критики упативте до градоначалникот Шилегов за лошото справување со бездомните животни во град Скопје како и за разочараноста околу работењето на специјално формираното претпријатие Лајка кое не функционира. Зошто и после три години власт на ова раководството не е променето речиси ништо?
Велковска: Во Град Скопје не постои третман на бездомните животни бидејќи на функции се наместени неподобни кадри кои наместо да работат и во интерес на животните и во интерес на скопјани, работат несовесно и ги злоупотребуваат службената положба и овластувањата. Веќе три скопски здруженија за заштита на животните изнесоа во јавноста информации поткрепени со докази за противзаконското постапување на в.д. директорката на ЈП Лајка. Се уверивме како в.д. директорката на ЈП Лајка неосновано прогонувала активисти, почнувала судски процеси против нив и нивните соработници – ветеринари и пансиони, поднесувала кривични пријави, односно, на секаков можен начин им ја опструирала работата на активистите на штета на животните. Затоа, скопските здруженија за заштита на животни едногласно и официјално ќе побараат итно разрешување на в.д. директорката. Дополнително, против неа и против лица вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство кои биле соучесници во делата ќе бидат отпочнати соодветни постапки пред македонските институции.
Кој е вашиот предлог за хуман третман на бездомните животни и што досега преземавте како советник во град Скопје?
Велковска: Ние, активистите за заштита на животни, јасно и недвосмислено бараме решавањето на прашањето на бездомните животни да ни биде препуштено нам бидејќи ние кои сме долгогодишни волонтери сме единствените кои имаат капацитет трајно и хумано да го затворат прашањето со бездомните животни не само во Град Скопје, туку во Македонија!
Единствениот хуман начин за конечно решавање на проблемот е ригорозна примена на стратегијата залови-стерилизирај-вакцинирај-врати. Зад оваа стратегија стои наука и истата неодамна беше потенцирана како клучен фактор во прогласувањето на Холандија за прва земја во светот во која повеќе нема бездомни кучиња. Секако, дополнително е неопходно да се активираат и други механизми на локално и на национално ниво – меѓу другото, неопходно е да се воспостави строга контрола врз одгледувачниците за да се спречи неконтролираното размножување и продавање животни и неселективно и ревносно да се санкционира неодговорното сопствеништво.
Како членка на Советот на Град Скопје најпрво јавно ги објавив фактурите што Град Скопје ги плаќал за третман на бездомни кучиња, а во кои во просек имаше трикратно повисоки суми од пазарните, што јасно упатуваше на злоупотреба на јавни пари. Случајот го пријавив и во надлежните институции. По ова следуваше „Сонувам за хумано утре“ – најмасовниот протест од доаѓањето на власт на новото владејачко мнозинство кој го организиравме ние, активистите за заштита на животни од Скопје со поддршка на националните здруженија за заштита на животни, и баравме Вардариште – како што Шилегов ветуваше во предизборието – веднаш да ни се даде на нас, активистите, на управување. Но наместо тоа, Шилегов основаше ново јавно претпријатие во кое постави неподобна в.д. директорка, а надзорните и управните одбори ги наполни со партиски војници. Само еден член на Управниот одбор на ЈП Лајка е вистински активист за правата на животните. Во повеќе наврати во Советот ја имам поднесувано програмата за хуман третман на бездомните животни изработена од Анима мунди и поддржана од сите, не само локални, туку и национални здруженија за заштита на животни. Во повеќе наврати сум поднесувала барања до Град Скопје за дисперзирани стерилизации и кастрации на бездомните животни, сум нудела средби со активистите за да помогнеме да се стави под контрола трајно и хумано бројот на бездомни животни, но Град Скопје не сака да послуша наука и аргументи. Секоја година барам во буџетот на Град Скопје да се вметне ставка субвенционирање на стерилизација и кастрација на вдомени бездомни животни за кај граѓаните да се поттикне културата на хумана контрола на бездомните животни, но секој таков предлог ми е без никакво образложение отфрлан од владејачкото мнозинство. Будно и континуирано ги следам сите процеси во Градот поврзани со бездомните животни, но сѐ повеќе ми е јасно дека залудно ги ставам на располагање капацитетите на активистите, залудно се обидувам да дадам конструктивни предлози со чијашто примена ќе има корист секој жител на Скопје – едноставно нештата се така поставени што гласот на разумот се потиснува и маргинализира, а надвладуваат неспособноста, дилетантизмот и профитерството.
Велковска: Се наближуваат и следните локални избори на кои повторно жешки теми ќе бидат справувањето со загадениот воздух, нечистотијата низ градот и урбаниот хаос, проблемите во сообраќајот инфраструктурата, дивеењето на урбаната мафија и секако негрижата за животната средина. Како овие проблеми да се решат во метрополата, што очекувате во последната година од мандатот на Шилегов и актуелниот Совет на град Скопје?
Очекувам дека во последната година, во склад со традицијата, ќе покажат „вонредна“ посветеност и заинтересираност за решавање на жешките теми, како што ги нарекувате. Тоа се тие класични кампањски потези за безочно манипулирање на обичниот човек кого го гледаат како евтина гласачка машина. Се влегува во кампања и се прикажува нормалното работење како нешто вонредно, како нешто направено отповеќе. Но, токму и тоа кампањско работење без никаква визија за вистински зелен и хуман град е и причината поради која сметам дека гласачите не смее да им дадат повторно доверба. Не смее во 21 век да нема основна фекална и атмосферска канализација во одредени периферни подрачја, а јавни пари да се расфрлаат на нови автоцентрични и целосно непотребни улици. Не смее да нема одржлив и добро испланиран јавен превоз кој е целосно во склад со потребите на скопјани. Не смее да не се инвестира во истражување на можностите за производство на чиста енергија од сонцето која докажано има најмало негативно влијание врз животот и благосостојбата и на луѓето и на животните и на животната средина.
Не смее резултатите на Секторот за локален економски развој да се сведуваат на печатење флаери и организирање настани со непознат исход и непознат број на учесници. Не смее урбанистичкото планирање да се злоупотребува за враќање услуги на финансиерите на кампањите на политичките партии или за купување гласови. Планските документи за Град Скопје мора да бидат зелени. Не смее да се дозволи во ера на напредна технологија Градот да нема никаква селекција на отпад, да нема градски компостари иако се знае дека минимум 60% од вкупниот комунален отпад е т.н. биоотпад. Знаете што значи тоа? Дека Скопје би можело да има минимум 60% помалку отпад само со поставување на доволен број на компостари што би го преработувале биоотпадот во органско ѓубриво. Тоа се 60% помалку отпад што би можел да се запали, а со тоа и да го загади воздухот. Тоа е големо намалување во трошоците на градот за справување со отпадот.
Не смее да се дозволи да се касапи Водно, свесно да се деградира неговата заштита, да не се создаваат алтернативни, креативни зелени простори и максимално да се зголемува вкупната површина на зеленило. Не може главен град да нема Градска народна кујна. Не може бесконечно да се зголемува бројот на градската администрација и со сѐ поневеројатни изговори да се ангажираат партиски послушници на кои им недостасуваат основни човечки, а да не зборувам за професионални, квалитети.
Сите овие проблеми во Скопје ќе се решат кога мнозинството во Советот би го имале долгогодишни активисти-волонтери за заштита на животни и животна средина. Тие низ годините докажале дека се навистина посветени на сферите во кои се ангажираат. Одлично ги познаваат проблемите, но и најдобрите решенија. Накусо, проблемите ќе се решат само со вистински луѓе на вистински позиции. Очекувам дека до наредните локални избори ќе успееме да составиме независна листа на активисти бидејќи подготовките се од поодамна во тек. Што е најважно, ја имаме безрезервната поддршка од граѓаните кои добро нѐ познаваат, кои со години ја следат нашата работа и кои се убедени во искреноста на нашите цели и намери. Ние не ветуваме, ние работиме.
Христијан Станоевиќ
