Вељаноски: Oдредени пара-структури туркаа лага дека сум бил замешан во „Монструм“
Долги години одредени пара-структури протураа лага дека сум бил некако замешан во случајот „Монструм“, пишува на Фејсбук поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден се ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување. Нападот против мене е ништо и е незначајно во споредба со болката на семејствата на петте прерано згаснати млади животи. Одлуката некој да си поигрува со нивните судбини и чувства е тешко бреме кое ќе остане до крајот на животот. Не посакувам на никого да ги преживува лагите и нападите што јас ги преживеав со оваа ниска и гнасна конструкција. Луѓето што ја смислиле и пласирале со години немаат морал“, пишува тој.

Имињата на Трајко Вељаноски и на Синиша Алексовски се спомнаа денес на судењето за случајот „Монструм" за петкратното убиство на Смилковското езеро кое се случи пред осум години. Свое место поранешниот собраниски спикер и некогашниот советник за безбедност на поранешниот претседател Ѓорге Иванов најдоа во дел од прашањата на Горан Наќевски, татко на убиениот Александар. Тој го потсети поранешниот премиер, Зоран Заев дека кога мајките на убиените деца на нивно барање биле кај него, им кажал дека на Смилковско езеро има паднат мобилен телефон кој му припаѓал на Алексовски, како и дека во овој случај е вмешан и Вељаноски.
Заев беше категоричен дека нема докази ниту споменал за вмешаноста на Вељаноски во случајот и дека единствено за тоа прочитал од лажни текстови од квази новинари кои ги осуди, а за Алексовски појасни дека не се сеќава на таков разговор.
Лани во судница беа читани СМС пораки за случајот.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО.
