Вељаноски: Да се договориме или ќе работиме или не
Дебатата во Собранието не води никаде, веќе трет ден по ред се повторува истата тактика на ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни реплики и контра-реплики, а овој пат не останаа покуси ниту пратениците на СДСМ кои побараа збор со што се изгуби суштината за водење на конститутивната седница.
Не помогна ни паузата од еден час, па затоа претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељаноски објави нова пауза од половина час повикувајќи ги претставниците од политичките партии во охридската сала за, како што рече, „да се договориме или ќе работиме или не“.
Единствен кој зеде збор во петминутното продолжение на седницата беше пратеникот Павле Богоевски кој ги повика пратениците да работат 24 часа без одмор додека не се исцрпи точката на дневен ред.
