Економија, финансии, бизнис

Контакт

Величковски: Мицкоски ги блокира евроинтеграциите, опозицијата да поднесе уставни измени веднаш

Величковски: Мицкоски ги блокира евроинтеграциите, опозицијата да поднесе уставни измени веднаш

Лидерот на Нова Република, Иван Величковски, во објава на социјалните мрежи остро ја критикува позицијата на власта во однос на уставните измени и евроинтегративниот процес на Македонија, оценувајќи дека земјата се соочува со политичка блокада.

Тој директно го посочи премиерот Христијан Мицкоски како клучен фактор за застојот, потенцирајќи дека неговите изјави ја персонализираат одговорноста.

„‘Додека сум јас премиер’ на Мицкоски е временска отсечка и персонализација на тоа кој ги блокира евроинтеграциите“, наведува Величковски.

Според него, молкот на пратениците од власта по ваквите изјави е индикатор за внатрешни притисоци и несогласувања.

„Молкот на пратениците покажува дека колку ‘поцврсти’ се изјавите, толку повеќе Мицкоски превенира ‘омекнување’ во своите редови“, пишува тој.

Величковски оценува дека актуелната политика на Владата е насочена кон одложување на процесите, со очекување на политички разврски надвор од земјата.

„Изјавеното навидум ‘ја подига летвичката’, но всушност е само исчекување на епилогот на изборите во Унгарија“, наведува тој, додавајќи дека промените во Будимпешта би можеле да влијаат врз политичките текови во регионот.

Во објавата, лидерот на Нова Република ја повика парламентарната опозиција да преземе конкретни чекори и да ги поднесе уставните амандмани без одложување.

„Парламентарната опозиција мора да ги предложи уставните амандмани сега“, порача Величковски.

Тој смета дека со тоа би се отворил простор за поширока поддршка и би се извршил притисок врз пратениците од власта.

„При уставен минимум од 30 пратеници... ќе го потпише предлогот. Тоа ќе ги ‘отвори’ и пратениците од ВЛЕН и ЗНАМ“, наведува тој.

Величковски предупредува дека ситуацијата е сериозна и дека се наметнува избор помеѓу националниот интерес и политичките калкулации.

„Нивниот избор е стеснет меѓу националниот интерес на Македонија и интересот на едно раководство“, истакнува тој.

На крајот, порачува дека европскиот пат не може да се брани со декларации, туку со конкретни дејствија во институциите.

„Овие принципи не се бранат со писма до Брисел, туку со дејствување во Скопје и во секој град и село“, заклучува Величковски.


Слично

Поврзани вести