Економија, финансии, бизнис

Контакт

Величковски: Ако СДСМ не ги поддржува уставните амандмани, може да ги предложи Силјановска-Давкова или 150.000 граѓани

Величковски: Ако СДСМ не ги поддржува уставните амандмани, може да ги предложи Силјановска-Давкова или 150.000 граѓани

Претседателот на Нова Република, Ивон Величковски, во објава на Фејсбук оцени дека, доколку СДСМ не ја поддржува иницијативата за уставни амандмани, постојат и други уставни можности за нивно предлагање.

Според него, една од опциите е амандманите да ги поднесе претседателката Гордана Силјановска-Давкова, а друга можност е иницијативата да биде покрената со потписи од 150.000 граѓани.

  • -Штом СДСМ не ја поддржува иницијативата за уставни амандмани, има уште опции: едната е да ги поднесе Силјановска-Давкова. Ако и таа не смее да му се спротивстави на Мицкоски како и Филипче, да ги предложиме 150.000 граѓани со потписи. Обете се на располагање според членот 130 од Уставот - напиша Величковски.

Тој смета дека претседателката може да ги предложи амандманите со цел Македонија да се врати на, како што наведува, „возот“ со Албанија и Црна Гора на европскиот пат.

  • -Претседателката може да ги предложи амандманите за Северна Македонија да се врати на „возот“ со Албанија и Црна Гора. Тоа е побрзата и полесна опција - посочи Величковски.

Според него, таквиот чекор би бил институционална иницијатива во насока на повикот за национално единство околу европската агенда.

  • -Така со институционална иницијатива ќе излезе во пресрет на повикот од премиерот за „национално единство“ за европската агенда, повторен од министерот Муцунски - додаде тој.

Величковски во објавата наведува дека Силјановска-Давкова, како кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и дел од гласачите на СДСМ во 2024 година, може да биде, како што вели, „олицетворение“ на националното единство за кое зборува премиерот Христијан Мицкоски.

  • -На гласови на ДУИ за таква иницијатива во Собранието очигледно може да смета - пишува Величковски.

Тој се осврнува и на последните изјави на претседателката во врска со Преспанскиот договор, оценувајќи дека со тоа бил направен „вовед“ во нов политички контекст.

  • -Впрочем, таа направи вовед неделава – со бранењето на Преспанскиот договор, иако го одбиваше и како пратеник, претседателски кандидат и претседателка сè до неделава - наведува Величковски.

Според него, со таквата изјава било покажано дека и ВМРО-ДПМНЕ е свесна за реалноста околу меѓународните договори.

  • -По првичниот шок, со изјавата означи дека и ВМРО-ДПМНЕ го знае она што го тврдиме од 2022: македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија немаат проблем со договорите, проблематизирањето на договорите доаѓа само од центрите и „липицанерите“ на југо-македонистичката интелектуала во и околу политиката на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - напиша тој.

Величковски тврди дека дел од министрите веќе се дистанцираат од претходните позиции, објаснувајќи во јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ „никогаш не било против Преспа“.

Тој оценува дека на Мицкоски веќе му била испратена порака дека Македонија треба да биде дел од Европа.

  • -За да биде „печатирано“ – пораката дека треба да бидеме дел од Европа на Мицкоски му е пратена и од Бранко. Азески тоа го стори „спонтано“ и по медиуми - наведува Величковски.

Во објавата тој упатува и критики за меѓуетничките односи, наведувајќи дека власта не смее да ги ескалира тензиите преку, како што вели, административни бариери кон албанскиот јазик, рушење на правичната застапеност и „ништење на претставништвото на Албанците“.

На крајот, Величковски оценува дека, доколку претседателката не преземе иницијатива, треба да се подготви граѓанска иницијатива со 150.000 потписи.

  • -Да се подготвиме за 150.000 потписи. Па да ги видиме да се спротивстават на половина од нивниот вкупен електорат - порача Величковски.

Слично

Поврзани вести