ВЕЛИ МАКЕДОНИЈА Е БУГАРСКА: Џамбаски доаѓа во Скопје да ја чествува Мара Бунева
Бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски повика на чествување на Мара Бунева во Скопје.
Тој упати повик на социјалните мрежи. Употреби термини како „Вечна памет на Мара Бунева“ и „Да живее Бугарија! Македонија е бугарска!“. Џамбаски вели дека за Бугарите е организиран превоз од Софија до Скопје.
„По традиција ВМРО ќе го одбележи подвигот на Мара Бунева“, напиша Џамбаски на Фејсбук.
Чествувањето претходно го најави и Фондацијата Македонија и ги повика оние кои сакаат да ѝ оддадат почит да дојдат на панихида во црквата Св.Димитрија. Планирано е потоа да положат цвеќе на плочата на Бунева на Кејот на Вардар.
Веројатно ќе се појават повеќе од 300 гости од Бугарија и од Европа и како што велат „стотици Бугари од Скопје, Охрид, Битола, Богданци, Струмица, Штип, Кочани, Велес, Гевгелија, Прилеп итн.“.
Претседателот на Фондацијата „Македонија“ , Виктор Стојанов со неколку видеа на социјалните мрежи се пофали дека стотици Бугари ја преминале македонската граница за да им се приклучат на Бугарите од Македонија на чествувањето.
Тој повеќе пати провоцираше и велеше дека Македонија е бугарска. Истото го кажа и во кампања за изборите, а воедно објави и видео на кое зад него имаше карта на Голема Бугарија, сосе територијата на Македонија.
И претходните години дел од Бугарите доаѓаа на панихида во Скопје, но македонските граѓани во знак на револт протестираа.
Бунева го извршила атентатот врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ во 1928 година. Основно училиште учела во Тетово, а средно во Скопје. Родена е во 1902 година, а загинала во 1928 година.
