Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЕЛЕШКОТО ЕКОНОМСКО ЧУДО ПРОДОЛЖУВА СО УСПЕСИТЕ - минатата година продадоа роба „тешка“ 6 милиони евра

ВЕЛЕШКОТО ЕКОНОМСКО ЧУДО ПРОДОЛЖУВА СО УСПЕСИТЕ - минатата година продадоа роба „тешка“ 6 милиони евра

Велешкиот производител на конци и предива, единствена компанија од ваков карактер во Македонија, продолжува да ниже успеси во своето работење. Од почетокот на годинава, велешки „Ветекс“ успеа да продаде конци и предива во висина од 6 милиони евра.

Како што објави велешката компанија Ветекс АД во годишниот извештај објавен на Македонска берза, кој се однесува на сработеното за минатата година заедно со Ве-Ко ДООЕЛ остварила позитивен финансиски резултат, при што работењето се одвивало без промени во сметководствените политики во однос на претходната година.

Вкупните приходи во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година достигнале 368.961.640 денари или околу 6 милиони евра, што претставува благо намалување од 0,4 проценти во однос на истиот период лани. 

За пофалба е и фактот дека оваа велешка компанија продолжува да „ткае“ успешна извозна приказна, па најголем дел од производството оди за извоз.

Приходите на Ветекс најмногу се реализирани од продажба на конец за плетење на домашниот и странскиот пазар, а дополнително се евидентирани и приходи од осигурување, камати и донации.

Во споменатиот период, компанијата остварила расходи во износ од 349.178.837 денари (околу 5,68 милиони евра), кои се намалени за 0,3 проценти на годишно ниво. Трошоците се однесуваат главно на суровини, енергенси како електрична енергија и мазут, како и на плати и надоместоци за вработените.

Како резултат на работењето, Ветекс остварил добивка од 18.135.038 денари или околу 295 илјади евра, по што е платен и данок на добивка.

Во текот на годината компанијата имала нови кредитни задолжувања, но истовремено редовно ги сервисирала обврските кон банките, при што вратени се кредити во износ од 13.313.236 денари (околу 216 илјади евра).

Во 2025 година е исплатена и дивиденда за 2024 година во износ од 11.320.000 денари (околу 184 илјади евра).

Компанијата инвестирала во подобрување на производството, при што вложувањата во основни средства изнесуваат 41.956.676 денари или околу 682 илјади евра, додека дополнителни инвестиции изнесуваат 14.452.500 денари, односно околу 235 илјади евра.

И покрај предизвиците од економската криза, од Ветекс посочуваат дека производството се одвивало согласно пазарните барања и техничките капацитети, при што компанијата успеала да одржи стабилно работење и позитивни финансиски резултати.

П.О.

Слично

Поврзани вести