Вечното почивалиште на Сара и Андреј ќе биде во Скопје - погребот ќе биде утре
Трагично загинатите пејачи Андреј Ѓорѓевски и Сара Пројковска ќе бидат погребани утре во Скопје.
Како што информираат семејствата на загинатите во катастрофалниот пожар во Кочани, погребите ќе бидат на гробиштата Бутел и Горно Лисиче. Вечното почивалиште на Андреј ќе биде на гробиштата Бутел, додека Сара ќе биде погребана на гробиштата во Горно Лисиче.
- Погребот на Андреј е закажан за четврток, во 10 часот во капелата во Бутел - напиша сопругата на пејачот на социјалните мрежи.

Во трагичната несреќа во Кочани загина и професорката и вокалистка Сара Пројковска.
- Погребот на нашата драга и сакана, непребол вонр.проф.м-р Сара Пројковска ќе биде утре, 20.3.2025, четврток, на гробиштата во Лисиче.
Телото ќе биде изложено во црквата Св.Петар и Павле во Лисиче од 12ч - стои во објавата на Факултетот за музичка уметност Скопје.
Сара е родена на 30 декември 1977 година во Скопје. Нижото и средното музичко образование го заврши во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на одделот за пијано. Својата академска и професионална кариера ја продолжи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што магистрираше, а потоа и работеше како Вонреден Професор на Катедрата за клавишни инструменти и харфа.
Сара беше посветена мајка на Јана и Марко, неуморно борејќи се до последниот миг за нивната подобра иднина. Музиката беше нејзиниот живот. Нејзината најголема пасија беше пеењето, а како вокал соработуваше со многу од најпознатите имиња на македонската музичка сцена.
Благодарни сме и чест ни е што бевме дел од нејзиниот живот, затоа што таа нѐ облагородуваше, нѐ исполнуваше со радост, љубов и внимание. Таква ќе ја паметиме засекогаш.
Телото на Сара за последен поздрав ќе биде изложено во Црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, во четврток на 20.03.2025 година, од 12:00 до 14:00 часот. Погребот ќе се изврши на гробиштата во Горно Лисиче.
