Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЕЧНИОТ ЛИДЕР АХМЕТИ ПРЕД НОВ ИЗБОР - ДУИ на Конгрес

ВЕЧНИОТ ЛИДЕР АХМЕТИ ПРЕД НОВ ИЗБОР - ДУИ на Конгрес

Владејачката партија, Демократската Унија за Интеграција, денеска го одржува својот четврти изборен Конгрес. Меѓу точките на дневниот ред се избор на Претседател на партијата, т.н. Конгрес на постојаноста, во кој ќе влезат една третина од делегатите, партиска Изборна Комисија, како и Национален Совет што ќе биде составен од еминентни личности од јавниот живот во земјата и странство.

Ќе се усвојат и статутарни промени со сите нови органи, вклучително и Секретар за еднакви можности и пет Резолуции како програмски приоритети: консенсуална интеграција, ветинг, квалитетен живот, развој и работни места и младите на прво место, како и Декларација за нашите вредности.

Конгресот на интергративците е со почеток во 16 часот во СРЦ „Кале” во Скопје.

Претходно, ДУИ избра целосно нов состав на младината и женскиот форум, скоро 100 отсто нови претседатели на ограноци и над 90 отсто нови претседатели на подограноците.

Се очекува дека сегашниот фронтмен Али Ахмети најверојатно повторно ќе биде избран за лидер на партијата. Последен пат Ахмети, кој е прв човек на ДУИ од формирањето на ДУИ во 2002 година, беше избран во 2014 година, со мандат од четири години, кој требаше да истече лани.

Во меѓувреме во јавноста се појавија гласини дека тој планира да се повлече откако земјава ќе стане членка на НАТО, што е веќе извесно.

Сепак, неодмна, министерот за економија Крешник Бектеши, кој е и член на партијата, рече дека тренерот на тимот што победува не се менува. „Јас мислам дека Али Ахмети има уште многу да ѝ даде на политиката во Северна Македонија, имајќи предвид дека ние ги решивме сите крупни прашања, сме пред целосно зачленување во НАТО, пред почнување на преговорите со ЕУ. Во ДУИ екипата што победува не се менува, а посебно не тренерот или лидерот. Секако дека ќе има измени во раководството на ДУИ, но најбитно за граѓаните и поддржувачите на ДУИ е дека ќе излеземе со нова програма“, вели Бектеши.

ДУИ на парламентарните избори во 2014 година освои околу 154 илјади гласа, или 19 пратеници, а две години подоцна, односно во 2016 година, околу 87 илјади гласови или 10 пратеници. Бектеши е убеден во подобри резултати на предвремените парламентарни избори договорени за 2020 година.

Аналитичарите сметаат дека само доколку ДУИ не влезе во новата Владата што ќе се формира по вонредните парламентарни избори, може да се очекуваат промени на кормилото на партјата.

Слично

Поврзани вести