Вечерва не се руши „Александар Македонски“, апелираат од Министерство за култура
Министерството за култура упати апел до граѓаните да не се вознемируваат бидејќи вечерва воопшто не се планирани никакви активности на плоштадот во центарот на Скопје и дека нема никаков план за рушење на споменикот на Александар Македонски.
Од министерството тврдат дека станува збор за ширење на лажни вести на социјалните мрежи со цел да се предизвика вознемиреност и тензии.
„Почитувани сограѓани, немојте да потпаѓате под влијание на лажни вести дека се случува отстранување на споменици од Плоштадот Македонија во Скопје. На Плоштадот во Скопје не се планирани ниту се преземаат какви било физички зафати. Секоја друга поинаква информација е лажна вест“ велат од Министерство за култура.
На социјалните мрежи повеќе припадници на опозицијата упатија пораки на грижа дека токму вечерва може да се сруши споменикот на Александар Македонски во пресрет на утрешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
Изминатиот период македонското општество минува низ многу тензични моменти кои следат од изласувањето на законот за употреба на јазиците, а дел од опозиционерите не се контролираат во начинот на кој ги упатуваат критиките кон власта ширејќи национализам и параноични пораки за предавство.
Исто така имаше и пораки на социјалните мрежи да се формираат стражи кои ќе ги чуваат спомениците од проектот Скопје 2014 со цел да не дојде до изненадно нивно рушење преку ноќ.
Засега, таква одлука за спомениците кои во центарот на Скопје не се донесени иако има комисија која ја утврдува нивната законитост и дали сите предвидени процедури биле почитувани од страна на претходната власт.
