Ве-це школки и бидеа од 170 илјади евра за „пречек“ на Јанева
Додека погледите на целата јавност во земјава беа вперени кон поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“, на дежурните шегаџии на социјалните мрежи не им изостана уште еден комичен детал од фотографиите со целата сериозна ситуација. Имено, во ходникот на Јавното обвинителство каде што Јанева дојде на соочување со обвинителката Вилма Русковска, можеа да се забележат огромен број картонски кутии полни со санитарни производи, или конкретно веце шољи и бидеа. Набљудувачите се прашуваа како можеше да се погоди, во услови кога поранешната специјална обвинителка Јанева со лисици на рацете доаѓа на распит, позадината да е „украсена“ со ваква, во најмала рака, недолична глетка.
Фактор го праша Јавното обвинителство зошто кутиите со санитарен материјал се најдоа во позадина на Јанева, но од таму ни одговорија дека тие не се на Обвинителството и немаат никаква врска со него, туку на Апелациониот суд, кој ги реновира своите тоалети.
На веб страната на Бирото за јавни набавки, пак, може да се види дека Апелациониот суд во јули годинава склучил договор за реконструкција на внатрешната водоводна канализациона и хидрантска инсталација, како и на санитарните јазли, а зделката ја добило трговското друштво „Инсталација увоз извоз Исмаил“ од кичевското село Зајас. За подновување на своите тоалети Апелациониот суд со оваа спогодба се обврзал дека ќе плати 10,6 милиони денари, или 172 илјади евра.

Дека Апелација сака сериозно да се реновира говори и фактот што денеска склучиле договор со фирмата Друштво за телекомуникациски и инфорамациски инжинеринг „Нетра“, со кој купиле врати со вградени метал детектори, за сума од 1,2 милиони денари.
Јанева, пак, денеска се задржа помалку од еден час во Обвинителството, по што беше вратена во затворот во Шутка. Јанева е во притвор од 21 август, кога беше уапсена за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.Адвокатите утре ќе побараат таа да биде ослободена од притвор. Вчера, на распит кај Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, беше Бојан Јовановски-Боки 13, кој, исто така, одби да даде исказ пред да ги види доказите против него.
Фото а1он
