ВАЖНО ЗА СИТЕ ШТО САКААТ ДА ШЕТААТ НА ШАР ПЛАНИНА: Еве како да ја пријавите посетата и колку ќе ве чини истата
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека, по препорака на Владата и со согласност на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, од 1 јули до 31 август 2026 година е воведена целосна забрана за непријавено движење во шумите на територијата на Националниот парк Шар Планина. Единствен исклучок се лицата кои живеат или имаат имоти во паркот.
Во врска со тоа, од НП Шар планина информираат како граѓаните можат да ја пријават својата посета:
„Посетителите можат да се движат во паркот единствено со писмена потврда која се добива по пополнување на електронската пријава на веб страната на НП Шар Планина. По пополнувањето на формуларот, ќе добиете повратна потврда за дозволата“, изјавија од Министерството.
Дозволата може да се добие и во хартиена форма секој работен ден од 08:00 до 15:30 часот во просториите на паркот.
За оние што ќе се движат со моторни возила, задолжително е плаќање на влез, а сопствениците на приватни имоти и правни лица регистрирани во паркот се ослободени од надоместок.
Министерството апелира до сите посетители за одговорно однесување и придржување кон забраната за палење оган, користење скара или оставање отпад:
„Секој кој ќе ја прекрши забраната ќе се соочи со казни од 1.500 до 2.000 евра согласно член 106 од Законот за шумите. При забележување пожар или загрозување на природата, веднаш пријавете на 112“, порачуваат од министерството.
