Ватикан ја објави програмата; Папата 10 часа и 15 минути во Македонија, масовната молитва на скопскиот плоштад
Ватикан ја објави програмата од гостувањето на Папата Франциск во Македонија, според која тој ќе се задржи на 7 мај вкупно 10 ласа и 15 минути на македонско тло, а централната молитва ќе биде на скопскиот плоштад.
Откако ќе допатува од Софија во Скопје ќе има состанокот со претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев во просториите на претседателската резиденција на Водно со дополнително обраќање до претставниците на властите и дипломатите.
Шефот на римокатоличката црква ќе одржи две молитви - прво во спомен куќата на Мајка Тереза, а потоа од отворен тип на скопскиот плоштад. На скопскиот аеродром ќе слета во 8 часот и 15 минути а си заминува во 18 часот и 30 минути.
Како што објави претходно Фактор, Папата Франциск ќе прошета низ Скопје, а целата церемонија и свечената литурија која треба да трае и повеќе од еден час ќе биде на Плоштадот. Таму се подготвува посебна сцена, а големиот гостин ќе седи на Столица која во Македонија се изработува само по тој повод. Столицата ќе биде достојна за неговата личност, но како што велат нашите извори, доста скромна. Потоа таа ќе остане во Католичката црква во Скопје. За таму, посебно за доаѓањето се прават две нови скулптури, едната на Свети Антон, а другата на Мајка Тереза.
На сцената на Плоштадот има предвидени места за високите гости кои пристигнуваат директно од Ватикан, за верски лица од Македонија и посебен дел за државниот врв. Посетителите ќе бидат одвоени, но цело време ќе ја гледаат манифестицијата. Тие што ќе бидат во најтесниот круг најверојатно ќе треба да обезбедат и карти кои секако ќе бидат бесплатни, но се предвидени заради создавање ред на церемонијата.
Според наши информации, неколку десетици новинари од цел свет доаѓаат заедно со Папата.
