Вардар по две години се врати во првата фудбалска лига
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, кој со години се мачи со беспарица и немање стабилно раководство, по две години се врати во прволигашката конкуренција.
Деветкратниот македонски шампион денеска го совлада конкурентот од втората лига Скопје со 3:0 (1:0) во баражот за место во Првата македонска лига (ПМФЛ) во натпревар што се одигра во Кавадарци во присуство на голем број на навивачи.
Клубот веќе доби ветување од неколку скопски градоначалници дека ќе добие помош од нивна страна.
Претходно нови прволигаши станаа Воска и Гостивар, а во Втората лига се пресели прилепска Победа.
Шампионската титула, прва во клупската историја, ја освои Струга, трофејот во Купот го одбрани Македонија Ѓорче Петров, а настап во европските купови изборија и Шкупи и Шкендија.
