ВАНКОВСКА ЗА МОЗОЦИТЕ: Сиромаштијата и послабата регулација стануваат „предност“ за странските лаборатории.
Професорката Билјана Ванковска преку објава на социјалните мрежи се осврна на наводите за извоз на мозочни ткива од Македонија во Соединетите Американски Држави во 1990-тите години, посочувајќи дека темата е обвиена со недостиг на официјални информации и бројни шпекулации.
Во обид да добие појасна слика, Ванковска споделува дека направила разговор со вештачка интелигенција, поставувајќи прашање зошто во САД во тој период немало достапни примероци од мозоци на починати лица со душевни заболувања или самоубијци, а истовремено Универзитетот Колумбија добивал ваков биолошки материјал од Македонија.
Според анализата, проблемот во САД не бил недостиг на случаи, туку строгите правни и етички ограничувања – заострени правила за информирана согласност, силна заштита на приватноста, страв од тужби и сложени процедури за пристап до постмортем материјали, особено кога станува збор за психијатриски пациенти и случаи на самоубиство.
Дополнително, за невронаучни истражувања е клучно ткивото да се земе кратко по смртта, што во американскиот форензички систем често било тешко изводливо. Наспроти тоа, во помали и поцентрализирани здравствени системи, како што бил македонскиот, пристапот до аутопсии бил поедноставен, со помалку административни бариери.
Во објавата се наведува дека во 1990-тите години постоел поширок тренд на „аутсорсинг“ на научни истражувања во Источна Европа, поради пониски трошоци, послаба регулатива и помали правни ризици. Македонија, според анализата, била привлечна поради традицијата во патологија и психијатрија, централизираниот систем и личните академски врски.
Ванковска нагласува дека ваквите практики отвораат сериозни етички дилеми – дали постоела вистинска информирана согласност од семејствата, дали било јасно дека ткивото ќе се транспортира во странство и дали сиромашните општества стануваат „резервоар“ за биолошки материјал за побогатите земји.
Како што посочува, во биоетиката ваквите појави се опишуваат со термини како „биолошки екстрактивизам“ или „био-колонијализам“, при што ресурсите од периферијата се извезуваат кон центрите на научната моќ.
