Ванковска: Власта во народот бара соучесник за злосторството
Професорката Билјана Ванковска во својата најнова колумна за Нова Македонија пишува дека власта преку референдумот бара соучесник во народот „за злосторството што ќе следува со спроведувањето на договорот од Преспа“
„Да не се лажеме, македонските граѓани само навидум се соочуваат со најважното прашање за кое треба да одлучат по 1991 година. Велам навидум, затоа што овој пат од нив ништо не зависи, освен легитимитетот на власта, која им поттура кукавичко јајце. Пред самите да ја донесат одлуката (која им ја ветиле на надворешните моќници), и без оглед на исходот на референдумот, тие сакаат соучесници во злосторството. Во нивната чудна „логика“, и сега и во историјата, тие нема да бидат виновни за националното самоукинување, туку граѓаните што ги поддржале на референдум. Референдумот е, се разбира, најважната алатка на непосредната демократија, ама само кога е во рамките на устав и закон“, вели Ванковска.
Таа додава дека целата ситуација наликува на замка, бидејќи Македонија, како што вели таа, е далеку од портите на ЕУ и НАТО, спротивно од тврдењето на референдумското прашање.
„Ова што сега им се нуди на граѓаните е прашање со какво што ниту една друга нација во светот не била и не може да биде соочена; бидејќи, таму каде што се почитува народниот суверенитет и таму каде што власта извира од граѓаните, ваква политичка замка би била непоимлива. Референдумот е правно, а сега веќе и политичко мртвороденче“, вели таа.
