Ванковска му се извини на Фрчковски и му посака успешна амбасадорска кариера во САД
Професорката Билјана Ванковска, јавно преку фејсбук објава му се извини на професорот Љубомир Фрчкоски за изнесени невистинити содржини во врска со на одбраната на својот докторат во 1989 година во Љубљана.
„Денес по писмен пат добив Барање од Љубомир Данаилов Фрчкоски за јавно извинување и повлекување на објавен Фејсбук пост. Според него, во постот од 7 јануари 2021 година сум изнела невистинита содржина со која му се повредуваат угледот, честа и достоинството.
Посочениот ФБ пост е сосема избришан, а со овој нов ФБ пост јавно му се извинувам на Данаилов Фрчкоски за делот во кој сум напишала дека паднал на одбраната на својот докторат во 1989 година во Љубљана“, напиша Ванковска во дел од својот статус на Фејсбук.
Воедно професорката, инаку од профилите кои го одбележаа движењето „Бојкотирам“, на крајот му посакува успешна амбасадорска кариера на поранешниот министер за внатѕрешни работи откако беше објавено дека тој ќе биде следниот дипломатски претставник на Македонија во САД.
„Се извинувам за непријатностите кои Данаилов Фрчкоски ги имал поради нешто што сум го пренела на непрецизен начин, а кое можеби и не е вистина, доколку мојот извор пренесувал искривена верзија на настаните. Му посакувам успешно вршење на амбасадорската функција во Вашингтон“, гласи меѓудругото во статусот.
