ВАНДАЛИТЕ ДА ВРШАТ ОПШТОКОРИСНА РАБОТА: ЗЕЛС ја прифати иницијативата на градоначалникот Герасимовски
ЗЕЛС ја прифати иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, малолетниците што вандализираат урбана опрема да вршат општокорисна работа.
ЗЕЛС едногласно ја усвои Иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители“, изјави Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.
Се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави, соопшти општина Центар.
Во повеќе наврати претходно, малолетници кршеа урбана опрема, еднаш дури обија багер и го возеа и правеа други нереди.
