Валандовчани на готовс, ако се отвори рудник ќе има масовно иселување од југот
Валандово е најеколошкиот регион во Македонија. Нашата општина се протега на 6000 хектари плодно земјиште, исто така Валандово е локомотивата на органското земјоделие во Македонија. Проектот за рудник за катоден бакар во Валандово би значел тотално уништување на природата и животната средина, животот и иднината на целиот регион- вели за Фактор, Кристијан Балески од Иницијативата СОС ВАЛАНДОВО.
Граѓаните вели се загрижени за здравјето и животната средина бидејќи од овој проект зависи иднината на целиот регион.
“Замислете органска храна и рудник
за бакар со лужење од отворен тип.
Тоа не оди. Кога ќе видите на пазар калинки од Валандово нема
никогаш да посегнете да ги купите. Валандово ке стане околина загадена со тешки
метали како Велес, не би сакале да јадете зеленчук од Велес, така? “- вели Балески.
Членовите на Иницијативата велат дека и покрај тоа што постапката за давање концесија за експлоатација на минералните суровини од Казандол е завршена и инвеститорот има дозвола, треба да се слушне мислењето на граѓаните и да се смени одлуката.

“Предвидено е да се гради рудник за катоден бакар што значи дека рудата ќе се ископува со машини на отворено. Над рудникот се ветерниците на Богданци честичките од рудата ќе се распростануваат низ цел регион. Од Валандово до Гевгелија, Богданци и Дојран. Имајте на ум дека Валандово е на 1км воздушна линија, селото Брајковци на 500 метри, а селото Казандол на некои200 метри од местото на ископ. Полошо од ископот може да е само тоа што таму ќе има капацитет за преработка на рудата со сулфурна киселина. Или просто, базени со руда се оросуваат со сулфурна киселина. Ако земете во предвид дека на 1000кг руда има најмногу 2% бакар, тоа значи дека 20кг се бакар а 980кг се јаловина оросена со сулфурна киселина (ПХ киселост - 2 )која некаде ќе треба да се фрли! Каде ќе се складира? Над Валандово? Над изворите за вода на Брајковци? Знаете дека Валандово е трустно подрачје, еден земјотрес и ќе предизвикаме таква еколошка катастрофа која ќе може да се мери со Чернобил и Фукушима”- објаснува Балески.
Жителите на Валандово и околните села стравуват дека со реализирање на идејата регионот од земјоделски да стане рударски центар, а главната гранка – земјоделието ќе изумре и без работа ќе останат околу 20.000 земјоделци.
“Општина Валандово има околу 14.000 граѓани, а
главна гранка е земјоделието .
Двигател на Органското земјоделие. Најмногу органски производители по глава на
жител. Ако се отвори рудник со 100 вработувања ќе треба да
прекфалификуваме 20.000 земјоделци од целата околина – Валандово,
Богданци и Дојран во рудари. Дали е тоа нормално? Дали е
економски оправдано? Секако дека НЕ? Ако се отвори рудникот може да очекуваме масовно
иселување од Југот. Ке ги уништиме животите на граѓаните, животната средина за
ситни интереси на некои поединци”- потенцира Балески.

Општинските власти според него немаат слух за проблемот и на секој можен начин ги избегнуваат средбите со загрижените граѓани. Граѓанската иницијатива Спас за Валандово побарала Советот на Општина Валандово да одржи јавна седница на која ќе присуствуваат и граѓаните, а на која единствена точка на дневен ред би била иницијативата за референдум дали се за или против отворање рудник и капацитет за преработка на бакар, злато и за сребро во областа Казандол.
“Замислете за денеска има закажано „Јавна Седница„ на совет на Општина Валандово која е затворена за сите освен за претставниците на Сардич- компанијата која ја има добиено концесијата? Каква транспарентност е тоа? Како нашите советници и градоначалникот смеат да помислат на вакво нешто? Скришум да носат одлуки и да го загрозуваат животот на граѓаните во Општината. Никој од граѓаните не е информиран што значи ископ на катоден бакар, што значи лужење со сулфурна киселина. Ние сме загрижени за нетранспарентноста од страна на Општината”- вели Балески.
Иницијативата Спас за Валандово најавува радикализација на отпорот доколку власта не ги исполни нивните барања. Вчера група граѓани преку јавен собир во паркот „Пеонија“ упатиле ултиматум до општината.
“Граѓаните имаат право да одлучуваат. Како што во Гевгелија демократијата заживеа на локално ниво, сакаме и ние да одлучуваме за нашите животи. Не за градоначалникот и советниците, туку за нас. Граѓаните имаат право на непосредна демократија. Граѓаните имаат право на Референдум. Дел се исплашени, постои огромна загриженост , општината не ги застапува нивните интереси и им работи зад грб. Исто така граѓаните се револтирани.Како што дознаваат за штетните последици секој ден се приклучуваат кон иницијативата. Без оглед на партиската припадност сите сме сплотени со барањата за стопирање на градбата на рудникот. Замислете од кога ќе проработи рудникот никој нема да сака да купува производи од кај нас. Како Градоначалникот ќе го оправда ова? Или мандатот му завршува за некој ден, па да протуркаме што можеме под тепих. Па макар и по цена на животот на граѓаните?”- потенцира Балески.
Од Иницијативата СОС Валандово која претежно ја сочинуваат млади луѓе поднеле писмено барање за одржување референдум, адресирано до градоначалникот и до Советот на Општина Валандово. Референдумското прашање за или против рударски комплекс, според нив е прашање „да се биде или не“ за Валандово. Очекуваат зрелии сериозни одлуки од сите граѓани но и од општинските власти. Минатата недела на референдум во Гевгелија 99,1% од граѓаните се изјаснија против отворањето рудници за злато на планината Кожуф.
С.Б.