Граѓани од населбите Автокоманда, Железара, Бутел и Топанско поле, преку социјалните мрежи се жалат дека останале 24 часа без вода, иако од Водовод беа најавени 15 часа прекин на водоснабдувањето, поради изведување на технички зафати.
Реагираше и аналитичарот Рамадан Рамадани.
„Вакво нешто нема никаде на свет: 100.000 луѓе у две општини да оставиш без вода цел ден од 24 сата и при тоа минимум да не известуваш благовремено и за почеток и завршеток на работите и тоа на ден на државна матура, финале на лига на шампиони и концерт на бјело дугме. Ова има само тука каде има затечен народ. Инаку ова не е само за итен протест и бојкoт туку и за ќутек: и политички и физички оти за вода и живот се работи!“, вели тој во својата објава на социјалната мрежа фејсбук.
Ова е објавата на Водовод.
„Ве известуваме, дека на најавата објавена на 27.05.2025 година за активноста за ден 31.05.2025 година (сабота), со отпочнување во 00:00 часот, планирани се активности за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, за која цел изготвен е Оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат е успешно завршена.
Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намалување на загубите на вода.
Со реализација на овој проект, ќе се подобрат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулационен вентил во ново изведената мерно регулациона шахта со пропратна хидротехничка опрема, како и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод Ф 1600mm кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод Ф 700mm на булевар Александар Македонски кој се напојува од градскиот магистрален цевковод Ф 1600mm, преку ново предвидениот магистрален цевковод Ф 700mm, кој ќе биде поставен по должината на ново предвидениот бул.Хрватска. Со ваквото поврзување ќе се создадат услови за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје.
Согласно Оперативниот План за реализација на активностите, ЈП Водовод и канализација -Скопје, превзема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
Во процесот на активности, првично се направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на магистралниот цевководот Ф 1600mm. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност сектор Водовод, со тим од 8 екипи носители на работата, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот со вода.
Акцијата предвидена на 31ви Мај односно сабота со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на секторите ЕОК, Механизација и Водовод беа на предвидените локации, заврши успешно.
Се очекува оваа акција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу часови се одвојува за празнење и полнење на магистралниот цевковод.
Со делумен прекин на водоснабдување ќе бидат населените места Визбегово, Бул. Босна и Херцеговина, Чаир Топанско Поле, Автокоманда - само висока зона и Железара.
Со почит,
ЈП Водовод и Канализација Скопје